Победничката од полуфиналниот дуел на Вимблдон помеѓу Елина Свитолина и Симона Халеп ќе испише нова светла страница од историјата на тенисот во својата земја затоа што која и да победи, ќе биде првата финалистка од својата земја.
Досега на единствениот гренд слем турнир кој се игра на тревна подлога не се случило во финале да игра една Романка или Украинка, но в сабота и тоа ќе се случи.
Халеп е фаворитка во обложувалниците поради формата и искуството, а според рејтингот на ВТА-листата, тие се соседки, Романката е седма, Свитолина осма, што не е голема предност.
Халеп во 2014 година играше полуфинале, но загуби од Еужени Бушар, а Симона има и една гренд слем титула – од ланскиот Ролан Гарос. Свитолина е прва Украинка која дошла до полуфинале и таа веќе направи успех, а ако се пласира во финалето, веројатно цела Украина ќе биде пред телевизор за време на финалето.
Во другото денешно женско полуфинале, играат Серена Вилијамс и Барбора Стрицова. Ако Американката биде на потребното ниво, нема да има проблем. Стрицова не е носителка и изненади до пласманот во полуфиналето. Таа има 33 години и стана најстарата тенисерка која за првпат стигнала до полуфинале на гренд слем.
Вилијамс ако го освои Вимблдон, ќе го изедначи рекордот на Маргарет Корт од 24 гренд слем титули, но оваа би ѝ била прва откако стана мајка. Серена во септември ќе наполни 38 години и може да стане највозрасната финалистка.