Але со спектакуларен гол му посака добредојде на Мојс во Вест хем (Видео)

Дејвид Мојс имаше старт од соништата на клупата на Вест хем, а специјално добредојде му посака Себастиен Але со спектакуларен гол во победата од 4:0 против Борнмут.

Мојс вечерва ја почна својата нова одисеја во англиски клуб и за првпат ги предводеше Чеканите откако го наследи Мануел Пелегрини на клупата. И стартот му е победнички, со посебен печат на Але, кој постигна неверојатен гол.

Францускиот напаѓач со волеј од многу тешка позиција ја закова топката во мрежата на Рамсдејл во 25-тата минута, а пред и по него прецизен беше капитенот на тимот Марк Нобл, па само по 45 минути, домаќините имаа недостижна предност од 3:0.

Гол за печат на убавата победа постигна и Бразилецот Фелипе Андерсон, а Вест хем побегна од опасната зона за испаѓање. Сега е на 16-тото место со 22 бода, а го прескокнаа токму Борнмут, екипа што има 20 бода и е на место од кое се испаѓа од Премиер лигата.

Прв пораз доживеа Карло Анчелоти на кормилото на Евертон, а ги порази шампионот Манчестер сити со 2:1.

Габриел Жезус со два гола беше творецот на триумфот на Сити, а голот на Ришарлисон беше премалку за да продолжи серијата од три меча без пораз на Анчелоти како кормилар на популарните Карамели.

Во третиот меч што се играше вечерва од 18.30 часот како дел од новогодишната програма во Премиер лигата, Норвич и Кристал палас ремизираа 1:1.

- Оглас -

Најнови вести