Халибартон беше егзекуторот, но Кливленд успеа да загуби седум поени предност за неполна минута (Видео)

Кошаркарите на Индијана пејсерс остварија драматична победа против Кливленд кавалирс славејќи со 119-120 и поведоа со 2-0 во полуфиналната серија на Источната конференција во НБА-лигата.

Донован Мичел постигна 48 поени за Кливленд, кој играше без тројца клучни играчи, вклучително и двајца стартери. Најдобриот дефанзивец на НБА-лигата, Еван Мобли (повреда на левиот зглоб), и клучната резерва ДеАндре Хантер (повреда на десниот палец) се повредија во првиот натпревар, додека Дариус Гарланд (повреда на левиот палец) го пропушти четвртиот последовен натпревар во плејофот.

„Чувствувам дека поголемиот дел од натпреварот бевме подобри, но на крајот имавме ментални падови. Тие ја искористија секоја наша грешка“, изјави центарот на Кавс, Џарет Ален, кој забележа 22 поени и 12 скока.

Мичел постигна 15 поени во третата четвртина, кога Кавалирс водеа со 98-81, но Пејсерс се вратија во игра со серија од 17-6.

Кливленд изгледаше како да доби малку простор за дишење на 1:06 минута пред крајот, кога Макс Струс погоди тројка по асистенција од Мичел и ги донесе во водство од 117-110.

Но, потоа изгубија две топки, а кошаркарите на Индијана со два офанзивни скока дојдоа до поени во последната минута, па Кливленд првпат од 1996 година ги загуби првите два домашни натпревари во плејоф.

Клучен во победата на Пејсерс беше Тајрис Халибартон, кој погоди тројка на 1,1 секунда пред крајот, а тој и неговите соиграчи ги постигнаа последните осум поени за 47,9 секунди.

Халибартон постигна 11 од своите 19 поени во последните 12 минути.

„Очигледно имавме среќа. Тај погоди уште еден неверојатен шут за победа“, рече тренерот на Индијана, Рик Карлајл. „Ова ретко се гледа, а уште поретко двапати во една недела. Тајрис повторно беше пресуден. Имавме многу среќа.“

Мајлс Тарнер и Арон Несмит ја предводеа Индијана со по 23 поени. Пејсерс за првпат победија во првите две плејоф-средби на гости од 1994 година, кога го совладаа Орландо во првото коло.

Серијата сега се сели во Индијана, која има голема предност, но се очекува одговор и од Кливленд.


Во втората средба од вечерта, Голден стејт славеше во Минесота со 88-99 во првиот натпревар од полуфиналето на Западот и поведе со 1-0 со брејк.

Бади Хилд ги предводеше Вориорс со 24 поени, додека Џими Батлер постигна 20 поени со 11 скока и осум асистенции. Дрејмонд Грин уфрли 18, а Стеф Кари само 13 поени.


Кај Минесота, Ентони Едвардс постигна 23 со 14 скокови, Наз Рид додаде 19, а Џулиус Рендл 18 поени.

- Оглас -

Најнови вести