Халилхоџиќ ќе добие отказ – Зијеш и бунтовниците победија, во Катар ќе ги предводи Вилјаш-Боаш

Клучниот состанок на кој требаше да се одлучува за судбината на Вахид Халилхоџиќ е одложен, но веќе се објавува дека стратегот што го одведе Мароко на Мундијалот во Катар ќе добие отказ.

Веќе има и сигурни информации што ги објавуваат мароканските медиуми дека во Катар селектор на нивниот национален тим ќе биде Андре Вилјаш-Боаш.

Халилхоџиќ се држеше до своите принципи и не сакаше да ги врати во националниот состав ѕвездите од калибарот на Хаким Зијеш, Нусаир Мазрауи од Ајакс, Адел Тарабт од Бенфика, Амине Харит од Олимпик Марсеј и Јунес Белханда, кој игра во Турција за Адана Демирспор.

И без нив успеа да го одведе Мароко на Светското првенство што ќе се игра во ноември и декември оваа година.

Притисокот од јавноста, но и од челниците на мароканската федерација е голем, популарниот Ваха да се премисли и да ги вклучи бунтовниците во составот за Мундијалот, па веројатно тоа ќе биде и пресудно да добие отказ.

Халилхоџиќ е рекордер и единствен кој успеа да одведе дури 4 различни репрезентации на Светски првенства преку квалификации и бараж, а тоа се Брегот на Слоновата Коска, Алжир, Јапонија и сега Мароко, сите во циклус од последните 12 години.

И само со една од нив, со Алжир беше како селектор и на Мундијалот во 2014 година, кога во осминафиналето испадна во продолженија против Германија, која потоа стана светски првак.

Претходно во 2010 година успеа со Брегот на Слоновата Коска да се пласира на Светското првенство, но поради неуспехот на АФКОН непосредно пред Мундијалот, доби отказ.

Слично му се случи и со Јапонија на претходното Светско првенство во Русија 2018 година, кога поради кавга со челниците на Федерацијата, беше сменет од кормилото.

Мароко ќе игра во Ф групата на Светското првенство во Катар во ноември и декември годинава, а ривали ќе му бидат репрезентациите на Хрватска, Белгија и Канада.

 

 

- Оглас -

Најнови вести