Џуд Белингам беше спасителот на Англија во осминафиналниот дуел со Словачка на Европското првенство откако во 95-тата минута со фантастичен гол со ножички го израмни резултатот на 1-1 и го однесе натпреварот во продолженија. Сепак, Англичанецот го згрози светот со однесувањето кога се фати за меѓуножјето.
УЕФА покрена постапка за ваквото однесување и се очекува одлуката која може да биде само парична казна, но и суспензија од еден натпревар која ќе треба да ја одработи на мечот против Швајцарија во четвртфиналето.
„Герет Саутгејт требаше порано да ги извади Белингам или Фил Фоден од игра. Сега можеби ќе има среќа ако Белингам биде суспендиран, тоа само ќе ѝ помогне на Англија“, вели поранешниот германски репрезентативец, Дитмар Хаман.
Германецот продолжува со критиките кон репрезентативецот на Англија, за кого вели дека не му се допаѓа неговото однесување.
„Не ми се допаѓа однесувањето на Белингам. Пред 2,5 години во Дортмунд даваше изјава за судиите. Тогаш се извлече само со парична казна, но според мене, требаше да биде суспендиран. Без соиграчите си ништо, ме интересира што мислат тие за неговото однесување. Освен што ги даде головите, воопшто го немаше на првите четири натпревари“, додава Хаман.