Хамбургер и Баерн Минхен приредија одлична фудбалска претстава во 20-тото коло од Бундеслигата, играјќи 2-2 на преполниот „Фолкспаркштадион“. Некогашното големо германско дерби повторно доби сјај, со многу шанси, брзо темпо и неизвесност до последниот судиски свиреж.
Домаќините тргнаа храбро и први се заканија, а во фокусот повторно беше младиот Лука Вушковиќ, кој со зрелост и самодоверба им создаваше проблеми на гостите. По неколку предупредувања кон голот на Нојер, Хамбургер дојде до водство од пенал, откако прекршокот врз Ремберг беше санкциониран со најстрога казна, а Фабио Виеира сигурно реализираше за 1-0.
Радоста на домаќините не траеше долго. Баерн брзо одговори преку Хари Кејн, кој ја искористи одличната акција по левата страна и го врати мечот во рамнотежа.
Само што започна второто полувреме, Баерн го зададе вториот удар. Луис Дијас, кој влезе од клупата, со првиот контакт со топката ја затресе мрежата и донесе водство за гостите, навестувајќи дека шампионот ќе ги однесе трите бода од Хамбург.
Но, атмосферата на трибините ги крена домашните фудбалери. Нападите се редеа, а наградата стигна преку Вушковиќ, кој по одличното нафрлување од левата страна со удар со глава израмни на 2-2 и повторно го „запали“ стадионот. Хамбургер потоа беше на чекор до целосен пресврт, но Дејвис со фантастично чистење од гол-линијата го спаси Баерн.
Финишот донесе опсада пред голот на домаќините, бројни обиди од Мусијала и Олисе и долго судиско надополнувзње, но резултатот не се промени. Двата тима мораа да се задоволат со по еден бод.

