Хамбургер конечно ја оствари долго посакуваната цел и се врати во германската Бундеслига по цели седум години отсуство. Откако во 2018 година го напушти елитното друштво, клубот од Хамбург повеќе пати беше на чекор до промоција, но редовно паѓаше токму во завршницата на сезоната.
Овојпат, сценариото беше поинакво. Хамбургер доминантно славеше со 6-1 против Улм и на едно коло до крајот на шампионатот обезбеди пласман во елитата.
Иако Улм прв го отвори резултатот, а дури и имаше можност преку пенал да поведе повторно при 1-1, Хамбургер целосно ја презеде контролата врз натпреварот и стигна до убедлив триумф. Славјето по последниот свиреж беше еуфорично, а фудбалерите емотивно го прославија успехот со најверните навивачи.
На чекор до враќање во елитата е и Келн, кому му е потребен само еден бод во последното коло против Кајзерслаутерн за да го обезбеди второто место и директна промоција.