Хамилтон го доби првиот комплимент од Ферари, а реакцијата му е најјака

Луис Хамилтон ќе стартува од пол позицијата на трката во Абу Даби со која се затвора годинашнава сезона во Формула 1. Британецот е прв фаворит за победа, што би било одличен финиш на сезоната во која го одбрани светскиот трон. По завршување на трката, Хамилтон и официјално ќе биде прогласен за старо-нов првак во Ф1 шампионат.

Во пресрет на трката, Хамилтон доби неочекувана пофалба и тоа од најголемиот ривал на на Мерцедес, од тимот на Ферари. Од италијанскиот тим веруваат дека би можеле да го добијат Хамилтон во 2021 година, кога му завршува договорот со Мерцедес.

„Сознанието дека Луис е достапен во 2021 година, нѐ прави многу среќни, но уште е рано“, рече шефот на Ферари, Матео Биното.

По оваа изјава од Ферари, свој коментар имаше и Хамилтон. Шесткратниот светски првак со доза на иронија изјави дека ова е прв пат да добие комплимент од Ферари.

„Мислам дека во изминативе 13 години, ова е првиот комплимент што го имам добиено од тимот на Ферари. Искрено не се сеќавам дека некогаш го имаат спомнато моето име, затоа им благодарам. Им требаше толку години да го препознаат мојот квалитет, но добро е“, рече Хамилтон.

Иако Ферари најави дека ќе се бори да го добие потписот на Хамилтон по 2021 година, шефот на Мерцедес Тото Волф потенцираше дека приоритет на нивниот тим е да го задржи актуелниот првак.

 

- Оглас -

Најнови вести