Седумкратниот светски шампион во Формула 1, Луис Хамилтон, се соочува со ризик секој ден кога се натпреварува, но не бега од опасност ниту надвор од патеката. Британецот е љубител на екстремните спортови и во емисијата „First We Feast“, во која гостите пробуваат сѐ позачинета храна, раскажа како можел да го загуби животот додека сурфал на Хаваите.
„Се возевме заедно со Кели Слејтер на Хаваи, брановите беа високи 7 метри и Кели ми рече: „Нема шанси да излезеш од таму. Ти си луд“, се сеќава Луис Хамилтон.
„Решив да се обидам, се втурнав во бранот кој ме повлече кон смртоносната зона. Водата ме „голтна“, се свртев и видов уште четири бранови кои доаѓаа кон мене. Тогаш си реков: „Готово е, готово е“.
Хамилтон потоа објасни и како успеал да се спаси.
„Скокнав од даската, нурнав и го грабнав гребенот, слушнав како бранот удира над мене“, раскажа пилотот.
„Даската се скрши на два дела. Излегов на површината за да добијам малку воздух, а потоа дојде следниот бран и повторно влегов внатре и се фатив за гребенот. Потоа дојде уште еден бран, излегов и нурнав трипати, останав без воздух, за малку ќе се удавев, но успеав да испливам некако. После ова навистина признавам дека професионалните сурфери се соочуваат со многу опасни ситуации“, објасни Хамилтон.