Шесткратниот Формула 1 првак, Луис Хамилтон, и понатаму е во центарот на вниманието поради гласините дека на крајот на следната сезона ќе го напушти Мерцедес. Договорот на Британецот со германскиот тим истекува за една година, и се шпекулира дека нема да остане таму, туку ќе направи трансфер во ривалскиот Ферари.
Засега Хамилтон одбива да зборува на таа тема, и порача дека за договорот ќе размислува дури кога ќе почне следната сезона, но изненаден е што некои Ф1 пилоти веќе се јавувале кај шефот на Мерцедес, Тото Волф, и му се нуделе како замена за Хамилтон.
Зимата 2020 година ќе биде интересна во Формула 1, бидејќи без договор ќе бидат Хамилтон, Себастијан Фетел, Валтери Ботас и Макс Ферстапен.
„Многу возачи си го бараат своето место. Тото доби неколку повици и кај него се распрашуваат за слободно место во Мерцедес“ – изјави Хамилтон.
Многумина сметаат дека јавувањата биле од Ферстапен кој вози за Ред Бул и од пензионираниот Шпанец Фернандо Алонсо кој во 2021 сака да се врати во Формула 1.