Хамилтон призна дека е виновен за грешката која го чинеше казна од 10 секунди

Пјер Гасли сензационално победи на трката за Големата награда на Италија која се одржа денес на патеката „Монца“, додека светскиот првак Луис Хамилтон мораше да се задоволи со седмото место.

Британецот беше казнет со 10 секунди поради тоа што влезе во боксот во 20-тиот круг, во ситуација кога на патеката се појави безбедносното возило и влезот во питлејнот беше затворен.

„Му честитам на Пјер, ова е голем резултат за него и мило ми е што го гледам како напредува. Што се однесува за мојот настап, ја преземам одговорноста за грешката бидејќи не ја видов таблата. Како и да е, уживав во трката и мило ми е што стигнав да освојам бодови“, истакна Хамилтон.

Возачот на Мерцедес и натаму е лидер на табелата со 164 бода, а шанса за поправање ќе има веќе следната недела, во трката за Големата награда на Тоскана, на патеката „Муџело“.

- Оглас -

Најнови вести