Луис Хамилтон беше најбрз на првиот тренинг во пресрет на трката за Големата награда на Канада, но вториот не можеше да го заврши поради оштетувања на болидот. Британецот загуби контрола на деветтиот свиок по што се удри во заштитниот ѕид, па остатокот од тренингот мораше да го следи во гаражата на Мерцедес.
„Направив голема и несекојдневна грешка по што го оштетив болидот. Тимот се обиде на сите начини брзо да го поправи за да можам да се вратам на патеката, но немаше време за такво нешто. Не можам да се сетам кога последен пат сум следел тренинг од гаражата, но чувството не беше убаво. Ми беше исто како да сум пратен кај директорот во канцеларија, а сите останати се на час, таму каде што сакам и јас да бидам“, изјави Хамилтон.
На вториот тренинг доминираа возачите на Ферари, Леклер беше побрз од колегата Фетел, додека трет најбрз беше Ботас од Мерцедес. Вечерва во 20 часот стартуваат квалификациите за пол-позиции, додека трката за ГН на Канада е предвидена за утре во 20 часот.