Хамилтон се подготвува за фиеста во Мексико

Луис Хамилтон в недела има прилика да стане третиот пилот во историјата на Формула 1 после Хуан Мануел Фанџо и Михаел Шумахер, кој освоил барем пет шампионски титули во овој тркачки спорт.

Само чудо може втора недела по ред да му ја одложи промоцијата на Британецот во болидот на Мерцедес.

Себастијан Фетел кој е второпласиран во генералниот пласман, за да ја спречи шампионската прослава, мора да освои барем 21 бод повеќе од Хамилтон. Тоа значи дека Германецот мора да победи, а Хамилтон да биде под осмо место. Можеби Фетел може да победи во Мексико, но Хамилтон на ниту една трка која ја заврши, не беше толку ниско, па Фетел ќе треба да победи и да се надева оти лидерот во генералниот пласман нема да ја мине целта.

Ако Хамилтон биде меѓу првите седум, освојува титула, а титулата ќе се слави и ако Фетел не победи, без разлика дали Хамилтон ќе ја заврши трката.

Не само Хамилтон лично, туку и неговиот тим Мерцедес може викендов да освои титула во конкуренција на конструктори. На „сребрените стрели“ им требаат 20 поени повеќе од Ферари.

- Оглас -

Најнови вести