Актуелниот шампион во Формула 1, Луис Хамилтон, по освојувањето на петтата шампионска титула, многумина почнаа да го прашуваат дали мисли дека има шанса да го стигне Михаел Шумахер, кој е рекордер со седум. Шумахер го држи рекордот и по бројот на гран-при победи.
Пилотот на Мерцедес никогаш за себе нема да каже дека е најдобар на сите времиња. Тој има две титули и 20 победи на трки помалку од Шумахер, но во Мерцедес ќе вози најмалку уште две години. Има една статистичка категорија во која Хамилтон е најдобар во историјата, а тоа е бројот на пол-позиции, и таму ќе остане долго време.
„Шумахер и понатаму е прилично далеку пред мене по бројот на победи. Тој и понатаму е најдобриот на сите времиња. Не знам дали ќе имам прилика да освојам уште некоја титула, но којзнае. Ќе се обидам. Оние 91 победа што ги има Михаел се навистина многу, но јас ќе возам уште неколку сезони и ќе пробам да му се доближам. Тој беше генијалец кој феноменално се вклопи во Ферари, секогаш ќе бидам негов фан“, изјави Хамилтон.