Хамшик ги „лапна“ милионите, па сега се жали дека не чини во Кина

Долгогодишниот миленик на Наполи, а сегашен член на Далијан Јифанг, Марек Хамшик, откри дека има проблеми да се адаптира во Кина по трансферот кој го направи во февруари годинава. Словакот пристигна во Далијан како огромно засилување, потпишувајќи тригодишен договор според кој ќе заработи 27 милиони евра, но засега нема никаков придонес за екипата.

Хамшик настапи на шест меча во кинеската Супер лига, одигра вкупно 513 минути, а ниту еднаш не успеа да се запише во листата на стрелци, ниту пак да разработи соиграч. Единствена статистика во која е запишан се жолтите картони, а има еден.

„Досега не сум бил во ваква ситуација. Не сум задоволен од мојата игра, тешко ми е да се адаптирам. Постои огромна разлика од начинот на кој се игра фудбалот во Европа и тука. Јазикот не го владеам, едвај комуницирам со соиграчите, се обидуваме со раце да се разбереме. Мора да дадам сè од себе да ја сменам ситуацијата, бидејќи вака не се издржува“, истакна Хамшик.

Инаку, Далијан по шест кола се наоѓа на 11-тото место на табелата во Супер лигата, со шест бода остварени со една победа и три ремија.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести