Капитенот на Наполи, Марек Хамшик, размислува да го напушти Наполи уште во следниот преоден рок. Иако со доаѓањето на Карло Анчелоти на клупата на „наполитанците“ неговата преселба во Кина беше спречена во текот на летото, Хамшик не се снаоѓа најдобро во тактиката и играта на Анчелоти и размислува повторно да започне преговори со кинеските клубови.
Словакот од оваа сезона доби нова улога на теренот, поточно требаше да заигра на позицијата на која главно диригираше Жоржињо, но Хамшик само на еден натпревар одигра цели 90 минути во италијанскиот шампионат, додека со Црвена ѕвезда во Лигата на шампиони остана на клупа. Дополнителен мотив да си замине од Неапол ќе биде евентуалниот неуспех на Наполи да се пласира во нокаут-фазата во Лигата на шампиони, а земајќи предвид дека се бори со Ливерпул и ПСЖ за првите две места во групата, нема да биде изненадување ако Наполи не се најде меѓу екипите кои ќе играат европски фудбал и во февруари.
Хамшик ги брани боите на тимот од „Сан Паоло“ уште од 2007 година, кога како младинец пристигна од редовите на Бреша. Со текот на годините се наметна како икона на клубот, одигра над 400 натпревари за него, а воедно стана и најдобар стрелец во историјата на Наполи. Сепак, оваа долга приказна може да заврши во почетокот на 2019 година.