Баерн не дозволи ново изненадување во меч со уште еден кандидат за испаѓање, го победи Хановер со 3:1 и со пет бода предност на врвот го чека расплетот во првенството.
Левандовски, Горецка и Рибери со по еден погодок ја режираа победата на шампионот и го корегираа киксот од минатото коло, кога Баерн ремизираше 1:1 со претпоследниот на табелата, Нирнберг.
Во дербито на 32. коло Борусија Менхенгладбах и Хофенхајм ремизираа 2:2 и се одалечија од позициите кои водат во Лигата на шампионите.
Хофенхајм двапати водеше со головите на Кадарабек и Амири, но домаќините се изборија за реми што му донесе најмногу радост на четвртопласираниот Ајнтрахт Франкфурт. За Борусија погодија Гинтер и Дрмиќ.
Херта по 7 кола без победа ги освои бодовите против Штутгарт со триумф од 3:1, а победа на домашен терен забележа и Волфсбург против Нирнберг со 2:0.