Олимпискиот првак Данска, со 38:30 го надигра актуелниот светски шампион Франција во првото полуфинале на Светското првенство во ракомет за мажи. На мечот во Хамбург, уште по првото полувреме немаше дилеми кој ќе слави победа. Непоразените Данци во првите 30 минути дадоа дури 21 гол, предводени од Микел Хансен, ја разбија француската одбрана и направија предност која воопшто не им беше загрозена во второто полувреме.
Противник на Данска во големото финале ќе биде Германија или Норвешка. Данска нема светска титула (има три загубени финалиња) и ова им е убава прилика да го освојат единствениот важен трофеј што им недостасува.
Хансен кој беше убедливо најрасположен играч на натпреварот, средбата ја заврши со 12 гола од 15 шута. Лауге даде 6 гола, а Захаријасен со 5 и Сван со 4, немаа промашување, додека Олсен имаше 5 гола од шест обиди. Мае со 8 и Ричардсон со 6 гола, беа најдобри во поразениот тим. Франција од 2007 немаше пораз во полуфинале на СП.