Ханси Флик: Барселона е големо семејство, ја дадовме најдобрата верзија на тимот оваа сезона

Тренерот на Барселона, Ханси Флик, беше воодушевен од целокупниот настап на неговите играчи во текот на доминантната сезона која кулминираше со 28-мата титула во Ла Лига, откако во градското дерби го совлада Еспањол со 0-2.

Барселона е непоразена на домашната сцена уште од крајот на декември, а покрај титулата во Ла Лига, тимот го освои и шпанскиот Суперкуп во јануари, како и Купот на Кралот по победата против Реал Мадрид во финалето.

„Мислам дека особено во втората половина од сезоната бевме неверојатни. Немаме пораз и тоа навистина е одлично. Честитки до тимот, клубот и навивачите. Многу сме среќни со тоа што го постигнавме“, изјави Флик.

„Мислам дека немав доволно време да го објаснам тоа низ сезоната, но навистина ја ценам културата што ја создадовме, ова семејство што го изградивме. Се работи напорно, со многу страст и одличен менталитет… Прекрасно е да се види ова семејство што го создадовме. Како се грижиме еден за друг. Тоа е уникатно и јас сум воодушевен“, истакна тренерот на Барселона.

Флик го пофали младото чудо Ламин Јамал, кој го постигна првиот гол против Еспањол со прекрасен удар во второто полувреме, но потенцираше дека Барселона е многу повеќе од само 17-годишниот крилен играч.

„Ова е титулата на Барселона. Не станува збор за еден играч. Секако, Ламин беше важен, но ние сме тим и тоа е најважното“, изјави Флик.

„Секој си ја заврши својата работа одлично. Ние сме тим. Тоа го посакувавме. Ја дадовме најдобрата верзија за овој клуб. Сите навивачи можат да бидат горди. Ламин веќе има постигнато и други вакви голови. Секој ден на тренинг ја вежба таа иста финта, а ова беше совршен погодок“, заврши стратегот на Барселона.

- Оглас -

Најнови вести