Барселона доживеа вистинска катастрофа и загуби со 4-0 од Атлетико Мадрид на првиот полуфинален меч од Купот на Шпанија, но за тренерот на Каталонците, Ханси Флик, главен виновник е судијата. Германецот посебно се осврна на поништениот погодок на Кубарси, кој се разгледуваше седум минути.
„Навистина не знам што да кажам за судењето во Шпанија. Ова е срамота, целосен хаос, судењето е катастрофа. Ни самиот не знам колкупати ја прегледав снимката од голот на Кубарси и навистина не разбирам каде судиите видоа офсајд. Прекинот траеше седум минути. Очигледно на сите можни начини и со сите сили бараа причина да го поништат голот“, рече Флик.
Каталонците беа во налет на почетокот на вториот дел, но по поништениот гол и долгиот прекин ритамот како да падна, па сега ќе мора да се надеваат на чудо на „Камп ноу“.
„Судијата им дозволи на фудбалерите на Атлетико да играат грубо, буквално ги остави да прават што сакаат. Не само што не им покажуваше картони, туку и усно не ги опоменуваше. Уште од првата акција имаше што да им се приговори на судиите, но тие ги толерираа грубите стартови на Атлетико. Разочаран сум, навистина не можам да поверувам што се прави во шпанскиот фудбал. Уште за првиот фаул над Балде мораше да покаже жолт картон. Тоа драстично ќе влијаеше на останатите случувања. Нормално дека Симеоне ги остави да нѐ малтретираат кога виде дека судијата не реагира“, додаде Германецот.

