Барселона утре гостува во Мадрид на дуел против Атлетико во првата полуфинална пресметка во Купот на Шпанија. Каталонскиот гигант е бранител на трофејот во Купот, а дури во оваа фаза за противник има тим од елитното друштво. До полуфиналето, Барселона секогаш играше против ривали од втората или од уште пониска лига.
Сепак, тренерот на Барселона, Ханси Флик, не се согласува со тоа дека неговиот тим лесно стигнал до полуфиналето, потенцирајќи дека дури и Реал Мадрид бил елиминиран од второлигаш.
„Прашајте го Реал Мадрид дали е лесно да се игра против второлигаш. Ова не го велам за да го понижам Реал, туку за да покажам дека треба да ги почитуваме и екипите кои играат во втората и третата лига затоа што денеска сите играат фудбал и сите жестоко се борат. Ова е Куп на Кралот, натпреварување со специфичен формат и до полуфиналето, секоја и најмала грешка може скапо да се плати, без разлика кој е противникот“, вели Флик.
• Reporter: “What do you think of those who downplay this qualification or try to downplay because you have not yet faced any top-level team?”
🚨 Hansi Flick: “Ask Real Madrid.” pic.twitter.com/JEEPgiFZud
— Barça Universal (@BarcaUniversal) February 11, 2026
Флик зборуваше за тоа дека секогаш е тешко да се игра против Атлетико, посебно на „Ванда Метрополитано“ во Мадрид. Според некои најави, теренот на стадионот не е во добра состојба, што може да е проблем за двете екипи.
Барселона и Атлетико играа во полуфинале на Купот и минатата сезона. Тогаш на „Камп ноу“ беше 4:4, а во реваншот, Барселона победи со 1:0 и се пласира во финалето, а потоа и го освои трофејот.

