Барселона со 5:4 победи на гостувањето во Лисабон против Бенфика, во меч кој беше историски. Каталонскиот гигант на полувремето губеше со 3:1, потоа на 15 минути до крајот резултатот беше 4:2 во корист на Бенфика, а на крајот сепак гостите победија, и тоа со 5:4. По мечот, тренерот на Барселона, Ханси Флик, потенцираше дека силниот победнички менталитет е главната причина за победата на неговиот тим.
„Ова беше луд натпревар. Најдобрата работа во нашиот тим е менталитетот. Ова е фудбал. Никогаш не сум доживеал ваков пресврт“, задоволно коментираше Флик по мечот.
Тренерот на Барселона не сакаше да го критикува голманот Војќех Шченсни, кој направи неколку големи греши и е виновник што неговиот тим прими дури четири гола. За негова среќа, соиграчите во офанзивата постигнаа пет гола и на крајот се радуваше на победа.
„Кој играч не прави грешки? Сите правиме грешки. Победуваме и губиме заедно. Ми се допадна тоа што го видов во второто полувреме“, задоволно коментираше Флик.
Со оваа победа Барселона го обезбеди местото во осминафиналето од Лигата на шампионите.