Роналд Араухо минува низ најтешкиот период во својата кариера. Уругваецот побара од Барселона привремено да се повлече, поради психолошки проблеми предизвикани од огромните критики насочена кон него.
Агентите на Араухо минатата недела се сретнаа со спортскиот директор Деко, за да ги истакнат проблемите низ кои минува уругвајскиот стопер, а клубот му порача дека има голема поддршка и дека може да земе колку време му е потребно за да се опорави.
Араухо веќе неколку пати беше означен како главен виновник поради лошите игри кога беше најважно, во Лигата на шампионите, а и претходно беше цел на критики. Сега е очигледно дека попуштил под притисокот и одлучил да се повлече за да ги преброди психолошките бариери.
Сепак, тоа не значи дека Барселона не разгледува опции на пазарот. Доверливи извори пишуваат дека Ханси Флик сигурно побара замена за Ињиго Мартинез, која не пристигна откако одличниот стопер летово замина во Ал-Наср.
Првата и најголема желба на Ханси Флик е неговиот сонародник, Нико Шлотербек. Тој има договор со Борусија Дортмунд до летото 2027 година, значи во јуни ќе влезе во последната година од договорот, и тогаш Германците ќе можат да го продадат, но не е исклучено тоа да се случи и порано.
Јануари би можел да биде интересен доколку Араухо не се врати, па Шлотербек се најавува како најлогично решение.
Тој дебитираше за репрезентацијата токму кога Флик беше селектор, има 26 години и сега е вистински момент за поголем исчекор во кариерата.
Шлотербек во Борусија Дортмунд пристигна во јануари 2022 година за 20.000.000 евра, па јасно е дека Борусија ќе може добро да заработи од неговиот трансфер.

