Ханси Флик оваа сезона им даде шанса на сите играчи кои ги има на располагање за да утврди на кого може сериозно да смета, а на кого не. Јасно е дека летово ќе има заминувања од Барселона, а веќе се знае кои играчи германскиот стратег ги отпишал.
Барселона оваа сезона игра многу подобро од претходните, поради што навивачите со право се надеваат на трофеи на крајот од сезоната.
Со доаѓањето на Ханси Флик, дојде до јасно подобрување и напредок во играта, а веќе се гледа неговиот печат во тимот.
Исто така, голем плус е тоа што летово не дозволи непотребни продажби на играчи и задржа некои за кои сите мислеа дека повеќе немаат место во Барселона.
Флик го направи тоа за да им даде шанса и доволно време да докажат дали заслужуваат место во неговиот тим. Некои од нив знаеја да ја искористат шансата, но некои не се прославија.
За разлика од минатото лето, на крајот од оваа сезона се очекува многу заминувања од Барселона, а токму Флик ќе биде тој кој ќе одлучи на кого ќе смета во иднина, а на кого не.
Според шпанските медиуми, веќе е јасно кои играчи нема да бидат во плановите на Флик за следната сезона, а списокот веројатно ќе биде уште поголем.
На листата на отпишани играчи се наоѓаат три имиња: Ансу Фати, Пабло Торe и Инаки Пења. Фати и Торe не добија многу минути, но имаа неколку шанси и очигледно не ги оправдаа очекувањата на Флик.
Но, најголемо изненадување е Инаки Пења. Тој беше прв голман откако Марк-Андре тер Штеген се здоби со сериозна повреда и бранеше добро, но на почетокот на 2025 година Флик му даде шанса на Војчех Шченсни и реши Полјакот да биде прв голман до крајот на сезоната.
Во последните денови се пишува дека дошло до вербален конфликт помеѓу Пења и Флик, бидејќи шпанскиот голман прашал зошто е отпишан и зошто повеќе не брани, што на германскиот стратег не му се допаднало.
Поради тоа, шпанските медиуми наведуваат дека Флик им порачал на челниците на клубот дека повеќе не го сака Пења во тимот и дека можат да го продадат летово.
Оваа ситуација нема премногу да ја погоди Барселона, бидејќи Тер Штеген ќе биде подготвен за следната сезона, а како што стојат работите, и Шченсни ќе добие нов едногодишен договор и ќе остане во Барселона подолго од планираното.