Барселона е во одлична форма со шест победи по ред во домашното првенство, па каталонскиот гигант сега има четири бода предност во однос на Реал Мадрид во Примера дивисион. Сега за Барселона е навидум лесна задача – домашен натпревар против 15-топласираната Осасуна. Натпреварот од 16-то коло е во сабота во 19:30 часот
„Ова е Ла Лига и секој натпревар е тежок ако не играте 100 проценти. Добро се подготвивме. Не е важно дали противникот е Атлетик, Атлетико или Осасуна. Мора да бидеме во најдобра форма за да ги освоиме трите бода. Кога играте за Барса, сите натпреварувања се важни. Секое натпреварување, како она помеѓу Феран и Левандовски, е позитивно. Она што го видов во последните четири или пет недели тренинзи е фантастично. Конкуренцијата помеѓу Феран и Левандовски е совршена. Како што секогаш велам, квалитетот на тренингот е повисок сега отколку пред два месеци. Кога тренирате на ова ниво, можете да се подобрите“, вели тренерот на Барселона Ханси Флик.
Германскиот стратег потенцира дека никако не треба да се залажуваат со тоа што имаат четири бода повеќе од Реал Мадрид.
„Првенството е долго. Сега е декември и сè уште имаме многу натпревари за играње. Важно е да се фокусираме на себе. Има работи што можеме да ги направиме подобро. Правилниот став не е да бидеме задоволни со она што веќе го имаме. Мора да продолжиме. И на крајот од сезоната ќе видите каде заслужувате да бидете“, рече Флик.

