Фудбалерите на Барселона ја забележаа најубедливата победа во четвртфиналето од Лигата на шампионите откако со 4-0 славеа над Борусија Дортмунд на домашен терен. Сепак, иако Каталонците веќе може да го слават пласманот во полуфиналето, тренерот на екипата, Ханси Флик, не сака еуфорија и вели дека фудбалот е луд спорт во којшто може сè да се случи. Германецот се осврна и на замената на Ламине Јамал и шпекулациите околу можната повреда.
„Сè уште не сме во полуфинале. Важно ни беше да победиме со голема разлика. Кога екипата игра добро, нормално е да постигнеме многу голови. Не сакам да мислам дека сме во полуфиналето бидејќи во фудбалот никогаш не можеш да знаеш што ќе се случи. Ова е луд спорт. Важно е и следната недела да излеземе на теренот со ваква желба. Борусија е добар тим и ние тоа го знаеме. Затоа во реваншот треба да ги ограничиме грешките на минимум. Нападот беше одличен, но и одбраната заврши голема работа. Ова важи и за фудбалерите коишто влегоа во игра како замени. Јамал е во ред. Тој одигра многу натпревари во текот на сезоната и му дадов шанса да се одмори. Во исто време, тоа беше шанса и за Ансу Фати да игра. Важно е за него да акумулира минути. Тој тренира добро во последно време и заслужи да игра“, рече Ханси Флик по убедливата победа над Борусија Дортмунд.