Тренерот на Барселона, Ханси Флик, смета дека неговиот тим бил оштетен на натпреварот против Жирона, но признава дека ривалот сепак ја заслужил победата. Тој тврди дека неговата екипа во моментов игра многу лошо и дека на исто ниво биле и судиите.
Флик одби јавно да го коментира судењето по мечот, но истакна дека според него, при победничкиот гол бил направен прекршок над Жил Кунде. Сепак, нагласи дека тоа не смее да биде изговор за слабата игра на неговиот тим.
„Сите видоа што се случи при вториот гол“, изјави разочарано Флик и додаде:
„Но, не можам ништо да кажам за судиите. Ние и онака бевме многу лоши, особено во одбраната. Жирона ја заслужи победата.“
Германецот се осврна и на ВАР-одлуката.
„Зошто ВАР не интервенираше? Не знам. Навистина не знам. За мене тоа беше чист прекршок. Нема да кажам ништо повеќе. Работата е сосема јасна. Сепак, нема изговор за ова вечерва.“
Флик ги изненади сите со одлуката на тимот да му даде два дена слободно по поразот.
„Им дадов два дена одмор. Им треба пауза, мора да се ресетираат. Кога ќе се вратат, ќе се обидеме да направиме нешто. Во последно време играме ужасно.“
На крајот, сепак, не можеше да се воздржи и испрати порака кон арбитрите:
„Судиите се на исто ниво како и нашата игра.“
Тој откри дека судијата Цезар Сото Градо не му дал конкретно објаснување за одлуката.
„Само ми рече дека не е фаул. Тоа е сè.“
Во наредната седмица во составот на Барселона се враќаат неколку важни имиња, Гави, Педри и Маркус Рашфорд, кои на гостувањето во Жирона сериозно недостасуваа.
Со овој пораз Каталонците паднаа на второто место на табелата во Ла Лига. Пред нив е големиот ривал Реал Мадрид со два бода повеќе.
Во следното коло Барселона на домашен терен ќе го пречека Леванте, а тоа е можност конечно да се запише победа и да се врати самодовербата.

