Хаос кај Летонците: Го кријат селекторот Стојановиќ, легендата Верпаковскис бара оставки

Многу работи не штимаат кај нашиот прв противник Летонија пред премиерниот дуел во Скопје на 21-ви март, во квалификациите за настап на ЕП 2020.

Претседателот на Летонската фудбалска федерација, Каспарс Горкс, претрпе многу критики за начинот на којшто е избран новиот селектор Славиша Стојановиќ. Словенецот ќе ги води Летонците во новиот квалификациски циклус и сите ја знаат информацијата што во Летонската федерација се обидуваа да ја сокријат.

И сè уште Стојановиќ не е промовиран и не е официјално објавено дека тој ќе биде новиот кормилар на летонскиот национален состав.

„Погрешивме во процедурата при изборот на новиот селектор. Сепак, остануваме на ставот дека неговото име ќе го соопштиме на први март“, изјави Горкс.

За потсетување, Стојановиќ е човекот чие именување за тренер на Црвена ѕвезда во 2013 година предизвика вистински скандал во Србија. Го доведоа по предлог на новинар, па имаше сомневање за подмитување, но на крајот ја освои титулата со Црвена ѕвезда.

Стојановиќ тренерската кариера ја почна на 29-годишна возраст, како еден од најмладите во историјата на фудбалот, а имаше солидни резултати на почетокот.

Во јануари годинава, сега веќе со полни 49 години, доби отказ во Левски и тајно потпиша тригодишен договор со Летонците, па на први март ќе биде само формално претставен.

Ваквата авантура не му се допадна на легендарниот Марис Верпаковскис. Најпознатиот фудбалер во историјата на летонскиот фудбал се приклучи на иницијативата за смена на Горкс, битката се разгоре, а хаосот во летонскиот национален тим ѝ оди во полза на Македонија пред премиерниот дуел во новиот квалификациски циклус за настап на ЕП 2020.

- Оглас -

Најнови вести