30.8 C
Skopje
понеделник, 1 септември 2025

Хаос на мечот Шкендија – Охрид: „Гостопримството на домаќинот траеше сѐ до нашето водство во петтата минута“ (Видео)

Шкендија Арачиново славеше со 2-1 против Охрид Лихнидос во второто коло од ВМФЛ, но гостите реагираа со жестоко соопштение за условите на стадионот „Фортуна Хасан Бег“.

Од Охрид посочуваат „дивеење“ на дел од управата, закани кон тренерот, исфрлање играч по црвен картон, лошо судење, недостиг на топки и фрлање пиротехника и предмети од трибините.

 

„За саботниот натпревар против екипата на Шкендија Арачиново одигран на теренот ‘Фортуна Хасан Бег’. Никогаш не сме барале алиби за поразите во минатото, а така ќе биде и овојпат. Меѓутоа, сакаме да укажеме на низа неправилности кои ни се случуваа на натпреварот. Гостопримството на домаќинот траеше сè до нашето водство во петтата минута, по која почна дивеењето на дел од управата, на обезбедувањето, на публиката и ред други цивилни лица кои беа на теренот, а не знаеме која беше нивната функција. Од страна на домашната екипа беа најавени амбиции за влез во Првата лига, а целата организација на овај натпревар беше на ниво пониско од Третата македонска лига и наликуваше на селски фудбал. На нашиот тренер по водството му беа упатувани ред закани од неидентификувани лица коишто мечот го следеа од теренот на неколку метри од нашата клупа, а на сето тоа делегатот остана нем. По црвениот картон кој му беше доделен на Гоце Толески, тој беше вербално нападнат и буквално исфрлен од стадионот од страна на обезбедувањето и не му беше дозволено да влезе во соблекувална да се преоблече и само поради неговата присебност не дојде до ескалација на случувањата. Нивото на судијата Стојанов и неговите помошници беше идентично со нивото на организацијата којашто наликуваше на натпревар од пред неколку децении. Во текот на целото второ полувреме недостасуваа топки зад головите и по страните, буквално се играше со една топка, а при укажување кај четвртиот судија, тој ни кажа дека нивната комуникација не е поврзана електронски како што е тоа случај во претходни натпревари. Нашиот капитен реагираше кај делегатот поради недостатокот на топки, при што доби одговор „играјте и ќутете“. Публиката во текот на целиот натпревар употребуваше пиротехнички средства кои беа фрлани на теренот помеѓу нашите играчи, а исто така во повеќе наврати беа фрлани разни предмети, за кои ние како клуб на секој натпревар имаме стриктна забрана за внесување. Повторно ќе напоменеме дека не бараме алиби за поразот и понатаму ќе продолжиме да се однесуваме професионално и на сите екипи кои гостуваат кај нас ќе им овозможиме крајно гостопримство какво што било досега, а воедно бараме вакво нецивилизирано и насилничко однесување да не се повтори, македонскиот фудбал треба да оди напред, а не да се враќа неколку децении назад“, соопшти Охрид.

Шкендија е лидер со шест бода по две кола, додека Охрид има само еден поен и е 13-ти на табелата.

- Оглас -

Најнови вести