Исклучително лоша атмосфера владее во Манчестер јунајтед во пресрет на гостувањето кај Баерн Минхен во Лигата на шампионите. Причина се лошите резултати и веќе големото заостанување од девет бода зад градскиот ривал Манчестер сити.
Сѐ се случувало по мечот со Брајтон, на кој Црвените ѓаволи доживеаја тежок пораз од 1-3 на домашен терен. Најпрво во конфликт влегле капитенот Бруно Фернандеш и шкотскиот фудбалер од средината на теренот, Скот Мектоминај.
Откако ситуацијата навидум се смирила, се случил нов конфликт, овојпат помеѓу Аргентинецот Лисандро Мартинес и централниот дефанзивец Виктор Линделоф. Сите помеѓу себе си ја префрлале вината за лошиот настап и поразот од Брајтон на „Олд Трафорд“.