Хаос го тресе камерунскиот фудбал и тоа непосредно пред стартот на Африканскиот куп на нации. Селекторот Марк Брис одбива да го прифати отказот што му го врачи претседателот на федерацијата Самуел Ето и во пркосен одговор, го објави својот список на играчи за претстојното натпреварување. Конфликтот меѓу белгискиот тренер и камерунската фудбалска легенда достигна точка на вриење, а националниот тим се најде во целосен хаос.
Брис тврди дека тој сè уште е селектор бидејќи има важечки договор со Министерството за спорт кој трае до септември 2026 година и сè уште не добил официјално известување за раскинување. Затоа тој одбива да го прифати отказот инициран од Ето, со кого е во жесток конфликт повеќе од една година.
Ситуацијата е дополнително комплицирана од фактот што на официјалната веб-страница на ФИФА како селектор на Камерун е наведен Давид Пагу, кој треба да биде наследник на Брис. И покрај ова, белгискиот стручњак нема намера да се повлече и го објави списокот на играчи што планира да ги поведе на турнирот во Мароко.
Во интервју за TV5 Monde, Брис го потврди својот став и дополнително ескалираше конфликтот со Ето.
„Додека нема потпишана нота од Претседателството на Републиката со која ќе се назначи Давид Пагу за тренер на „Непоколебливите лавови“, во очите на државата Камерун, г-дин Марк Брис останува. Нема дебата за тоа, а така е во Камерун најмалку 30 години“, изјави Брис.
Ова е алармантна ситуација во Камерун, посебно поради тоа што нивниот прв натпревар на Африканскиот куп на нации е само за две недели и тоа против Габон предводен од Пјер-Емерик Обамејанг. Во групата сè уште и Брегот на Слоновата Коска и Мозамбик, но со оглед на моменталната ситуација, Камерун не се смета за еден од фаворитите за освојување на титулата. Таа улога ја преземаат домаќините Мароко, Сенегал, Алжир, Египет и Брегот на Слоновата Коска.

