Хаос во најдобриот тим во Формула 1, таткото на шампионот се закани дека син му може да се пресели во Мерцедес

Још Ферстапен, таткото на актуелниот Формула 1 шампион, Макс, го нападна првиот човек на Ред Бул, Кристијан Хорнер, чиј скандал се заканува да го растури тимот кој доминира во последните неколку години.

„Постојат тензии во екипата. Ред Бул како екипа ризикува да се распадне, не можеме да продолжиме вака. Ситуацијата може да експлодира. Кристијан Хорнер изигрува жртва, а всушност тој е причината за проблемите“, изјави Још Ферстапен во интервју за англискиот весник „Дејли мејл“.

Причина за нападот на таткото на Макс кон првиот човек на Ред Бул е истрагата против Кристијан Хорнер, кој е обвинет за „непримерно однесување“ кон вработена во тимот.

Истрагата заврши со ослободување на Хорнер од сите обвиненија, но само 24 часа подоцна, на социјалните мрежи се појавија фотографии и видеоснимки кои покажуваат дека првиот човек на Ред Бул сепак непримерно се однесувал кон вработената.

„Дејли мејл“ пишува дека Још Ферстапен на своите пријатели им рекол дека неговиот син би можело да го напушти Ред Бул и како една од дестинациите може да биде Мерцедес. Дополнително масло на огнот на овие шпекулациите стави фотографијата која се појави неодамна и на која Још Ферстапен е со првиот човек на Мерцедес, Тото Волф.

Весникот пишува дека Макс е под договор со Ред Бул до 2026 година и моментно е најплатен возач во Формула 1 и дека неговиот трансфер во Мерцедес би можело да се случи за две години.

- Оглас -

Најнови вести