Сопственикот на Челзи, американскиот милијардер Тод Боли, е во трка во прцес на продажба на шестмина фудбалери на екипи од Саудиска Арабија за 100 милиони фунти со што ќе ги „испегла“ финансиите и ќе ги избегне евентуалните проблеми со финансискиот ферплеј, но тој потег предизвика реакции во јавноста.
Прв кој порача дека мора да се испита работата на Боли и на Челзи е поранешниот капитен на Манчестер јунајтед кој сега работи како ТВ-аналитичар, Гери Невил.
Тој бара да се испита секој трансфер на Сините, како и дали Американецот е вистински сопственик на Челзи или е всушност претставник на некој саудиски фонд или шеик. Како мотив за ова, Невил посочува дека фондови од Саудиска Арабија инвестирале милијарди долари во компанијата со која управува Боли.
„Сметам дека веднаш мора да бидат запрени трансферите сè додека не се провери сопственичката структура во Челзи и да се испита дали трансферите се во согласност со правилата. Премиер лигата треба веднаш да воведе ембарго на тие трансфери. Со ова што се прави, хаос е во Премиер лигата“, изјави Невил.