Итан Хап се врати во македонскиот национален тим откако во претходните два циклуса како натурализиран го користевме Џејкоб Вајли.
Хап, кој е играч на шпански Бургос, имаше одлични игри во дресот на Македонија и ќе биде од голема помош за тимот на мечевите со Луксембург и Азербејџан.
„Прекрасно е да се вратам тука и да бидам дел од репрезентацијата. Има некои од соиграчите од претходниот пат со кои бев во тимот. Па затоа сум среќен што се вратив и сум заедно со тие момци. А, и новите соиграчи се многу пријателски расположени кон мене и многу отворени. Сметам дека навистина имаме талент во овој тим“, вели крилниот центар.
Хап е запознат со тоа како работи селектор Жозеп Марија Берокал.
„Знам за него и тој знае за мене. И досега имплементираше неколку добри работи и стратегии за играта. Кога станува збор за Луксембург и Азербејџан, мислам дека тренерот најдобро знае што треба, а ние треба само да се грижиме и да ги следиме неговите упатства. Сега е многу поважно да се подобриме фокусирајќи се на тоа како сакаме да играме, да знаеш дека си спремен и да дадеш 100% од себе“, заклучува Хап.

