Харден „пукна“ по поразот од Лејкерс, нов подвиг на Јокиќ (Видео)

Лос Анџелес лејкерс како гостин во „Тојота центарот“ беше подобар од Хјустон рокитс со 117-100, а по завршувањето на натпреварот, Џејмс Харден на прес-конференција изјави дека ситуацијата во клубот е „луда“, неиздржлива, оти тимот нема хемија, и дека неговата врска со Ракетите е скината и не може да се поправи.

„Не сме доволно добри. Немаме хемија, немаме талент, тоа е очигледно на последните неколку меча. Го сакам градот Хјустон, тука направив многу, но ситуацијата во моментов е луда. Ова е нешто што не може да се поправи“, изјави 31-годишниот Харден, кој даде 17 поени.

По него се појави Џон Вол, кој го критикуваше Харден.

„Поминаа само девет меча сезонава. Ајде бе човеку, сакаш да скокнеш од карпа само по девет меча?“, праша Вол.

Од другите натпревари, за истакнување е победата на Бруклин над Денвер, во меч на кој Никола Јокиќ, кој имаше 23 поени, 11 асистенции и личен рекорд од 7 украдени топки, стана првиот центар во НБА во последните 30 години кој на еден меч имал 20 поени и седум освоени топки. Пред тоа, тоа му успеа на Хаким Олајџувон во 1990 година. Кевин Дурант даде 34 поени и од 31-вото скокна на 28-мото место на вечната листа на стрелци во историјата на НБА.

Леброн Џејмс со 26 поени придонесе за победата на Лејкерс,  а ѕвездата на Езерџиите даде една тројка без да го гледа нејзиниот лет кон кошот, предизвикувајќи воодушевување кај соиграчите од клупата. Погледнете ја тројката на Џејмс:

- Оглас -

Најнови вести