Напаѓачот на Баерн Минхен, Хари Кејн, ја освои наградата за најубав гол на годината за 2024 од германскиот телевизиски оператор „АРД“ за неговиот спектакуларен погодок против Аугсбург во Бундеслигата.
Англискиот репрезентативец постигна хет-трик при победата од 3-0 на 22 ноември, но неговиот трет гол во судиското продолжение се издвои како вистинско ремек-дело. Кејн мајсторски ја прими долгата топка од Леон Горецка со кунг-фу потег со десната нога, а потоа ладнокрвно го совлада голманот.
Според „АРД“, голот на Кејн освоил 33,11% од гласовите на над 280.000 учесници во анкетата, кои можеле да избираат меѓу 12 најдобри голови на месецот. Второто место му припадна на Флоријан Вирц од шампионот Баер Леверкузен, со 14,61% од гласовите.
Со ова, Хари Кејн стана првиот англиски фудбалер кој ја освоил престижната награда на „АРД“, која се доделува од 1971 година.