Хари Кејн после 15 години блескава кариера денес може да го освои првиот трофеј

Фудбалерите на Баерн Минхен денес би можеле да ја освојат титулата шампион на Германија, што би значело дека Хари Кејн, по 15 години кариера, конечно ќе држи трофеј во рацете.

Баерн денес од 15:30 часот на „Алијанц Арена“ го пречекува Мајнц, и со победа и кикс на Баер Леверкузен би можел да ја прослави титулата.

Баерн има осум бода предност пред Баер, кој во исто време го пречекува Аугсбург, па пресметката е јасна кога станува збор за баварскиот гигант – со победа би станале шампиони доколку Баер не победи. Во таков случај, на три кола пред крајот разликата би била најмалку 10 бода.

Ова би бил и првиот трофеј во кариерата за Кејн, несомнено еден од најдобрите напаѓачи во последната деценија.

Кејн ја започна професионалната кариера во Тотенхем во 2010 година, беше на позајмици во Лејтон Ориент, Милвол, Норич и Лестер, но никогаш не успеа да освои трофеј во Англија.

Кога летото 2023 година прејде во Баерн, изгледаше дека веднаш ќе го прекине „постот“ со оглед на доминацијата на баварскиот гигант во Германија. Сепак, минатата сезона Баер Леверкузен ги освои и Бундеслигата и Купот на Германија, а Баерн во полуфиналето на Лигата на шампиони беше елиминиран од Реал Мадрид.

Оваа сезона Баерн испадна во четвртфиналето на Лигата на шампиони од Интер, а Баер Леверкузен ги елиминираше во осминафиналето од Купот на Германија, па единствена шанса за трофеј им остана во Бундеслигата, каде веќе денес можат да стигнат до 34-та титула шампион на Германија, а Кејн до својот прв трофеј во кариерата.

- Оглас -

Најнови вести