Баерн Минхен го доживеа првиот пораз во Бундеслигата оваа сезона и тоа во меч на кој воопшто и не се очекуваше тоа. „Баварците“ имаа 1-0 на полувремето против Аугсбург, имаа и шанси да го решат натпреварот, но на крајот противникот направи комплетен пресврт и со цел плен си замина од „Алијанц арената“.
„Првото полувреме беше добро. Мислам дека заслужено водевме и имавме моменти во кои можевме дефинитивно да го решиме натпреварот. Завршниот удар не ни беше доволно чист, ни недостасуваше последното додавање, а и нивниот голман имаше неколку одлични одбрани. При 1-0 натпреварот секогаш е отворен, без разлика против кого играш – секогаш можеш да бидеш казнет. Во фудбалот работите се случуваат брзо. Сега целосно сме фокусирани на Лигата на шампионите.“ – рече разочараниот Хари Кејн по поразот од Аугсбург.

