Случајот со Роџерс Мато предизвика голема вознемиреност во Вардар и во македонскиот фудбал воопшто. Навивачите и експертите сега дискутираат кој е во право, дали можело да се постапи поинаку и што ќе значи ова за еден од најталентираните играчи на најтрофејниот македонски клуб.
Хартс потврди дека потпишал преддоговор со 22-годишниот фудбалер и дека од јули тој официјално ќе стане дел од шкотскиот тим со тригодишен договор.
Во меѓувреме, Вардар на својата веб-страница објави дека ја прифатил понудата од Канзас сити и дека се очекува Мато да ги усогласи личните услови, кои би изнесувале околу 40.000 долари месечно. Сепак, Хартс повторно истакна дека се смирени бидејќи веќе имаат потпишан договор со играчот.
„Имаме договор со Мато и не сме загрижени за ситуацијата“, изјави портпаролот на Хартс за „Хартс Стандард“.
Шкотскиот медиум исто така контактираше со Канзас сити, кој сега се повлекува од трката за потписот на Мато.
„Клубот разгледуваше можност за трансфер на Мато, но тој избра да потпише преддоговор со Хартс и му посакуваме успех во иднина“, соопштија од американскиот клуб.
Сега останува прашањето кога Мато ќе се приклучи на подготовките на Вардар. „Црвено-црните“ се на тринеделни подготовки во Сиде, каде што ќе останат речиси до почетокот на вториот дел од сезоната.

