Ферхан Хасани нема да патува со репрезентацијата на Македонија во Словенија, а причина за тоа е повредата која ја заработи на синоќешниот дуел против Летонија. Македонскиот репрезентативец се повреди во средината на првото полувреме и мораше да биде заменет. По направените детални лекарски прегледи е констатирано дека Хасани има скинато мускулно влакно и ќе мора да мирува.
Селекторот Игор Ангеловски нема да повика друг фудбалер на местото на Хасани. На дуелот против Летонија, Елиф Елмас влезе во игра на местото на популарниот Буба и тоа се покажа како одличен потег. Еден од најталентираните фудбалери во Европа одигра фантастичен меч и даде два гола во победата на Македонија од 3-1.
Со таа игра, Елмас сигурно си обезбеди место во стартниот тим за мечот против Словенија в недела во Љубљана.