Ова беше емотивен ден за Дин Хаусен, момчето кое ја оствари животната желба, а тоа е да потпише со Реал Мадрид. Младиот 20-годишен дефанзивец пристигна на „Сантијаго Бернабеу“ за трансфер вреден 58 милиони евра. Со овој трансфер, Хаусен стана најскапиот дефанзивец во историјата на клубот. Ќе го носи дресот со бројот 24.
Хаусен вели дека со овој трансфер му се остварила најголемата желба, а тоа е да заигра за Реал Мадрид.
„Од првиот момент кога ми се јавија од Реал Мадрид, тоа беше единствениот клуб за мене. Сакам да ѝ се заблагодарам на мојата фамилија за тоа што секојдневно ми дава поддршка. Дојдов во најдобриот клуб во светот. Подготвен сум да го дадам најдоброто од себе. Мислам дека заедно можеме да освоиме многу трофеи. Реал Мадрид е клубот на мојот живот. Благодарам многу. Напред Мадрид“, рече новото засилување на Реал Мадрид.
Хаусен откри дека негов идол како дете бил легендарниот дефанзивец на Реал, Серхио Рамос.