Хенес предвидува: Заврши лудата трка со милионски трансфери во фудбалот

Завршувањето на епидемијата со Коронавирусот ќе донесе нова поскромна ера во модерниот фудбал кога се во прашање трансферите на фудбалерите и трансфер-политиката на клубовите е прогнозата на Ули Хенес.

Легендата на германскиот фудбал и почесен претседател на Баерн Минхен го познаваат како еден од најупатените во фудбалските состојби на планетата.

„Прво сакам да истакнам дека солидарноста сега треба да се покаже на дело, не само на зборови. Се работи за човечки животи, кои треба да се спасат. Фудбал повторно ќе се игра, а ова е голема шанса кога ќе заврши кризата малку да се сменат координатите. Очекувам лудата трка со милионски трансфери да заврши. Погледнете сега, и најбогатите клубови имаат проблеми со платите на фудбалерите. Буџет само за плати од милијарда евра веќе тешко дека ќе има. Не очекувам во скоро време да има и стомилионски трансфери или дури и поскапи како што беше во последните години во светскиот фудбал. Ќе падне високиот ѕид што постојано растеше, па ќе има малку повнимателна трансфер-политика и кај најбогатите клубови“, предвидува Хенес.

Германската фудбалска легенда вели дека сите се погодени со кризата и малите и големите клубови, па ќе се гради нов фудбалски свет.

„Мислам дека проблемите брзо ќе се надминат бидејќи фудбалот е убедливо најдобриот и најпривлечен спорт и за гледачите и за маркетингот и за медиумите. Дури и да се игра без публика извесен период, тука се ТВ-куќите кои плаќаат огромни суми пари што ќе доведат до брза консолидација на клубовите и на лигите. Очекувам да нема неизвесност во однос на евентуален банкрот или големи финансиски последици веќе од идната сезона. Само ќе треба малку помудра глобална и клупска политика“, заврши Хенес во интервјуто за германскиот „Кикер“.

 

 

- Оглас -

Најнови вести