Борац Бања Лука славеше тешка, но важна победа (0-1) на гостувањето кај Железничар, благодарение на голот на Колумбиецот со македонски пасош, Себастијан Херера. Победничкиот погодок падна во 90-тата минута на „Грбавица“.
Голот на Херера беше вистинско ремек-дело и одлучи за исклучително важниот триумф за неговиот тим. Репрезентативниот голман Дамјан Шишковски остана на клупата, додека напаѓачот на Железничар, Матеј Цветаноски, не настапи поради сериозна повреда на ногата што ја здоби минатиот месец.
Во „македонскиот“ дуел во Словенија, на крајот радоста му припадна на Димитар Митровски. Македонскиот репрезентативец постигна погодок за Олимпија, која на гостувањето кај Радомље, каде тренер е Југослав Тренчовски, славеше со 1-2.
Радомље поведе со 1-0 уште во првата минута преку Мартинчиќ, но потоа следеше пресврт. Митровски израмни на 1-1 во 69-та минута, а конечните 1-2 ги постави Марин во 84-та минута, носејќи важна победа за тимот од Љубљана.

