На колумбискиот фудбалер Себастијан Херера Кардона најверојатно ќе му се оствари големата желба да заигра за репрезентацијата на Македонија. Шпекулациите се дека Херера ќе доби повик од новиот селектор Гоце Седлоски, но тоа засега не е официјално потврдено затоа што составот не е објавен.
Ако се случи тоа, Херера ќе биде шестиот фудбалер кој нема никакви македонски корени, а да добие македонски фудбалски пасош и шанса да настапи за нашата земја. Во повеќе од 30-годишната историја на македонската репрезентација имало само шестмина играчи кои се без македонска „жичка“ играле за националниот тим.
Стевица Ристиќ е со најмногу, 17 настапи, а има постигнато и еден гол. Потоа следуваат Љубодраг Милошевиќ и Душан Савиќ со по девет настапи за Македонија. Бразилецот Брага има шест меча за Македонија, а Предраг Ранѓеловиќ играл трипати. Еден настап за Македонија има и Бразилецот Жилсон.
Херера пет години играше за Работнички, а со тоа што пет години без престан живееше и работеше во Македонија, доби право да земе и макеедонско државјанство. Тој има и жена Македонка, што значи дека едноставно „се врза“ за нашата земја. Пред неколку години првпат се појавија шпекулации дека Херера може да заигра за репрезентацијата и самиот фудбалер потенцираше дека без размислување би ја прифатил поканата да игра за Македонија.
Се очекува деновиве селекторот Седлоски и официјално да го објави составот за дуелот против Данска во Копенхаген во баражот за пласман на Светското првенство 2026 година. Доколку Македонија победи против Данска, ќе игра против подобриот од мечот меѓу Република Ирска и Чешка, а најдобрата селекција ќе се пласира на планетарниот собир.

