Англискиот премиерлигаш Нотингам форест објави дека под наем го доведе дефанзивецот Гонзало Монтиел од Севиља. Монтиел е фудбалерот кој во последните неколку месеци ги постигна двата најзначајни пенали во светскиот фудбал.
Во финалето на Светското првенство во Катар минатата година, Монтиел го шутираше и го погоди решавачкиот пенал, носејќи ја светската титула за Аргентина.
#NFFC is delighted to announce the signing of Argentina international Gonzalo Montiel ❤️
— Nottingham Forest (@NFFC) August 23, 2023
Дека Монтиел е играч за најстресните моменти, се потврди и во финалето од Лигата на Европа во мај оваа година. Севиља на пенали ја победи Рома, а Аргентинецот беше стрелец на последниот погодок, кој донесе трофеј за тимот од Андалузија.
Аргентинецот во Нотингам форест доаѓа како позајмен играч, со опција по завршување на сезоната, да го откупи договорот, и тоа за трансфер вреден 11 милиони евра.
„Многу сум среќен што доаѓам во овој историски голем клуб. Доаѓам во Нотингам да им покажам на сите за што сум способен. Уште сум гладен за успеси, за трофеи. Сега е вистинско време“, оптимистички најави 26-годишниот десен бек, кој потенцираше дека уште кога бил дете, ги следел мечевите од англиската лига.
Монтиел е петото засилување за Нотингам форест ова лето. Овој клуб минатата сезона едвај се спаси да не испадне од елитното друштво, а сега амбицијата е да избега од опасната зона. Монтиел одигра 72 меча за Севиља, во кои даде два гола, а имаше и шест асистенции. Во репрезентативниот дрес на Аргентина има одиграно 23 натпревари.