Херојот на Фламенго: Подготвен сум да решетам секаде во Европа

Своевремено беше најавен како „новиот“ Нејмар, кога како тинејџер името на Габриел Барбоса со своите игри за Сантос се прочу на далеку. Интер беше клубот кој победи во трката за неговиот потпис, но минималната минутажа не му дозволи на бразилскиот голгетер во целост да се истакне.

Следуваа неколку позајмици во Бенфика, па назад во Сантос, за на крајот да се стабилизира во Фламенго. Габигол е веќе во втората сезона како позајмен играч во редовите на новиот јужноамерикански првак, а соработката му завршува по крајот на 2019 година и ќе треба да се врати во Милано. Иако тешко дека ќе добие шанса кај Антонио Конте, 23-годишниот голгетер планира да остане во Европа и да добие нова шанса да ги покаже своите квалитети.

„Многу работи научив додека бев во Интер, без разлика што не добивав прилика да го покажам тоа. Ја прифаќав секоја одлука на тренерите каде и да бев, иако знаев дека заслужувам повеќе минутажа. Во Фламенго ми се покажа прилика, ја искористив максимално, и сега сум сигурен и знам дека можам да продолжам да играм на високо ниво. Знам дека можам да играм и во најсилните европски лиги, како на пример во Англија, Шпанија, Германија“, истакна Барбоса.

Габриел вчера навечер го покори Ривер плејт со два гола и ја донесе континенталната титула за Фламенго по пауза од 38 години. За Фламенго постигна вкупно 31 погодок на 38 натпревари, а воедно ја собра наградата за најдобар стрелец во меѓународното натпреварување со 9 гола на 12 меча.

 

- Оглас -

Најнови вести