Џозеф Чиполина е уникатен фудбалски пример. За Гибралтар ги постигна најважните три голови во три различни натпреварувања, а вечерва нема да може да игра против Македонија поради жолти картони.
Тоа е голем хендикеп за аутсајдерот и полесна задача за нас, бидејќи Чиполина е креаторот на чудото во Ереван што ни помогна и директно да бидеме пред Ерменците во нашата група, секако, ако вечер ремизираме или го победиме Гибралтар.
Од пенал, 30-годишното лево крило на малата фудбалска нација погоди во Ереван за историска победа на Гибралтар, прва во официјален меч. Џозеф Чиполина ќе биде запишан во историјата на фудбалот во оваа земја, а и претходно има уште два рекорди.
Во 2013 година во футсал тој го постигна првиот погодок за Гибралтар на официјален меч, против Црна Гора во квалификациите за настап на ЕП. И потоа тоа го стори со својот клуб Линколн Ред Импс и се запиша како прв стрелец за тим од Гибралтар во европските купови. Беше стрелец против ХБ Торшавн на втори јули 2014 година.
Три историски моменти се во режија на еден од најдобрите играчи во Гибралтар, но тој нема да може да ѝ се претстави на публиката во Скопје, вечерва, од 20.45 часот, на националната арена „Филип Втори“.