Португалскиот репрезентативец Рафаел Леао ги одби понудите на Реал Мадрид и на Челзи бидејќи сака да ја продолжи соработката со Росонерите, пишува „Газета дело спорт“.
Леао има договорор со Милан до идното лето, а „Газета дело спорт“ пишува дека агентот на фудбалерот, Жорж Мендеш, разговарал со претставниците на Реал Мадрид и Челзи и им соопштил дека Португалецот не сака да си оди од „Сан Сиро“.
Мендеш потврдил дека наскоро повторно ќе седне на преговарачка маса со управата на Милан за да најдат заеднички јазик околу новиот договор. Претходно, преговорите беа прекинати бидејќи Леао бараше годишна плата од 7,5 милиони евра, а Милан му нудеше шест милиони.
Сега челниците на Милан, откако Леао со две асистенции беше најзаслужен за елиминацијата на Наполи во четвртфиналето во Лигата на шампионите, пронајдоа начин како да му ја исполнат желбата на фудбалерот.
Португалецот ќе добие седум милиони евра годишна плата, а само за потписот на новиот четиригодишен договор ќе инкасира два милиони евра.
Последен проблем пред потписот на новиот договор е исплатата на долгот кон Спортинг Лисабон. Фудбалерот во 2018 година самостојно го раскина договорот со Спортинг и поради тоа сега мора да плати 20 милиони евра отштета.
Мендеш очекува Милан да ја плати оваа сума, но челниците на Росонерите немаат намера да го сторат тоа и планираат да направат посебен договор со Леао и со Спортинг Лисабон.