Шкендија си поигра со Работнички, во меч што требаше да биде дерби, а заврши со неверојатни 6:2 за шампионот. Во второто денешно дерби од петтата рунда во домашното првенство Вардар беше подобар од Шкупи и славеше со 2:1.
И што е интересно и двата главни денешни дуели започнаа со предност на гостите. Работнички поведе со голот на Петар Петковски, за потоа да доживее вистински бродолом. Мици, Ибраими и Бојку со голови во кус период од само 180 секунди во финишот на првиот дел направија комплетен пресврт, па Шкендија замина на полувреме со предност од 3:1.
Во продолжението Ерера си постигна автогол, Стјепановиќ намали на два голови разлика, но се разигра Ибраими. Најдобриот стрелец на Шкендија и во ланскиот шампионат постигна два гола во 76. и 83. минута за конечни и убедливи 6:2 за шампионот.
И Шкупи како гостин поведе против Вардар со голот на Сержињо во 29. минута, а пресврт и победа за најтрофејниот македонски клуб донесоа Лира и Новак со голови во 53. и 62. минута.
По поразот на Работнички сега лидер повторно е Академија Пандев. Струмичани го декласираа Силекс со 3:0, со три погодоци во вториот дел и се искчаи на врвот со 12 бодови. Дориев постигна два гола, а еднаш мрежата на кратовци ја затресе Илиев.
Победа со погодокот на Мустафов во деветтата минута ја победи Ренова, а единственото реми и бод за гостите денеска го освои Беласица против Македонија Ѓорче Петров. Мечот заврши без голови.
Табела: Академија Пандев 12, Шкендија и Вардар по 11, Работнички 9, Победа 8, Силекс 5, Ренова 4, Македонија Ѓ. П. 3, Шкупи и Беласица по два бода.