Холандскиот тренер Гус Хидинк верува дека спортската иницијатива може да помогне во воспоставувањето мир во светот и да ги прекине војните кои се водат во моментов, поради што упати апел до Светската фудбалска федерација (ФИФА).
Русија не се откажува од војната со Украина, а поради тоа оваа репрезентација веќе неколку години нема право да се натпреварува на турнирите кои ги организира ФИФА и УЕФА.
И покрај ова, има репрезентации кои играле против Русија. Откако е под суспензија, Русија има одиграно дури 22 контролни натпревари, меѓу кои се и дуелите против Белорусија, Сирија и Србија.
Гус Хидинк, кој ја тренираше Русија од 2006 до 2010 година, верува дека спортот може да го реши руско-украинскиот конфликт, што звучи доста бизарно.
„ФИФА би можела да организира турнир со четири екипи. Зборуваме за САД, Украина, Русија, а можеби дури и за уште еден тим од Европа“, рече Хидинк во изјавата за sports.ru, а потоа додаде:
„Фудбалот може да биде многу корисен – за време и по турнирот сите мора да се смират. Ќе се појави слична ситуација како за време на Првата светска војна, кога сојузничките и германските сили играа фудбал заедно на Божиќ.“
Сепак, малку е веројатно дека неговата идеја ќе помине и дека тоа всушност ќе се случи. Во моментов, Русите се фокусираат на претстојните пријателски натпревари. Во октомври имаат два натпревари: прво со Иран, потоа со Боливија. Во ноември нивни противници ќе бидат Перу и Чиле.
Исто така, многу се зборува за можен натпревар против актуелните светски шампиони, Аргентинците. Сепак, доаѓањето на некои големи ѕвезди е малку веројатно бидејќи тоа би можело негативно да се сфати од западните спонзори. Исто така, има вести за планови за играње натпревар против САД.